HEPA Macedonia

HEPA MACEDONIA NATIONAL ORGANIZAT FOR THE PROMOTION OF HEALTH-ENHANCING PA·WEDNESDAY, JUNE 19, 2019

По повод развој на мониторинг систем за физичка активност, спорт, седентаризам и здравје на населението, Ве покануваме да учествувате во истражувањето кое е дел од образовните програми на Европската комисија: Еразмус+ СПОРТ и програмите на Светската здравствена организација за физичка актиност, исхрана, угоеност и ХНБ. Оваа студија прв пат се спроведува кај нас и опфаќа возрасни лица од 18 – 75+ години, од двата пола, меѓу кои и лица со телесен инвалидитет.

Глобална цел на истражувањето е да се утврди физичката активност, спортот и седентарното однесување во земјите-членки на Европската унија и Република Северна Македонија. Низ развој на интегриран и заеднички методолошки процес, целта е да се развие мониторинг рамка за да се добијат валидни, сигурни и споредливи резултати за физичката активност и спортот кај возрасното населението во Европскиот регион.

Соодветно прибирање, анализа и примена на податоците, како и други истражувања поврзани со здравјето имаат огрмно значење во креирање на политиките и следење на состојбите. Вклучување на лица со инвалидност во процесот на прибирање податоци е особено значајно согласно Конвенцијата на Обединетите нации за права на лицата со инвалидност, Европската стратегија, 2010 – 2020 година, како и Националната стратегија за еднаквост и недискриминација, 2016 – 2020 година.

Фотографија: игра во спортска сала

Меѓународната соработка и компарација помеѓу Европските програми за развој низ физичка активност, вклучувајќи лица со инвалидитет ја олеснуваат меѓународната размена на информации, искуства, програми и најдобри примери од практиката.

Добиените резултати од меѓународното истражување ќе бидат во интерес на подобрување на здравјето на севкупното население во Европа. Тие ќе дадат подршка на Светската здравствена организација, Европската комисија, други релевантни меѓународни организации, земјите-членки на Европската унија и Република Северна Македонија, при планирање, дизајнирање, спроведување, надзор и евалуација над ефективноста на стратегиите за унапредување на здравјето и превенција на хроничните болестите кај населението, низ зголемена физичката активност и спорт.

Истражувањето е поврзано со дизајнирање на Национален мониторинг систем кој претставува континуирано, систематичко собирање, анализа и интерпретација на податоци потребни за планирање, имплементација и евалуација на ефектите на јавно здравствените политики и програми за физичка активност, спорт и здравје, како и превенција на кључните хронични незаразни болести.

Студијата ќе се спроведе со примена на прашалници за физичка активност, спорт и здравје, како и објективно мерење со примена на акцелерометри кај возрасни лица, вклучувајќи лица со телесен инвалидитет. Истражувањето ќе го спроведе Националната организација за унапредување на здравјето со физичка активност ХЕПА Македонија, член на Европската ХЕПА мрежа на Светската здравствена организација, од 2006 година.

Фотографија: Националниот координатор на Проектот ЕУПАСМОС Плус, Проф. др Вера Симовска со Претседателот на Мобилност Македонија, Олимпискиот победник Бранимир Јовановски

Познато е дека игрите, рекреацијата и спортот кај сите лица, вклучувајќи лица со инвалидност, придонесуваат кон подобрување на општата состојба на организмот, самопотврдување, социјализација и активно вклучување во општествениот и стопанскиот живот.

Континуирано следење на степенот на физичката активност, спортот и седентарното однесување е иницијатива која ќе допринесе во развој на идните стратегии за здравје, физичка активност и спорт, во тек на мулти-секторското превземање на ефективни мерки за подобрување на здравjето на возрасното население, на индивидуално и популационо ниво.

Секој учесник во студијата ќе добие сумарен извештај со резултати за индивидуалниот степен на физичка активност и седентарно однесување, дистрибуција на интензитетот на физичката активност во дадениот период, личен план за избор на видот и интензитетот на физичката активност за подобрување на сопственото здравје и компарација со меѓународните препораки на Светската здравствена организација и Европската унија.

Скопје, 20.06.2019

ХЕПА Македонија Национална организација за унапредување на здравјето со физичка активност

Контакт: +389 75 611 654 и +389/2 60 90 775;

Е-маил: hepa.mk@yahoo.com  и hepa@hepa.org.mk

Веб-страница: https://hepa.org.mk

 

Формулар